анг алб
Наша визија

Ги воведовме активностите на Зелените училишта верувајќи дека училиштата може да го намалат своето негативно влијание врз животната средина само ако секој член од училишната заедница размислува за  промена на своето однесување во однос на потрошувачката на водата и на енергијата, справувањето со отпадот и своите транспортни навики. Исто така веруваме дека учениците треба да се носителите на промените, учејќи и практикувајќи активно граѓанство во грижата за животната средина на своето училиште. Се надеваме дека Зелените училишта ќе станат инспирација за секој член од заедницата, за секој од нас, да се грижиме за животната средина низ сите мали нешта што секојдневно ги правиме во текот на својот живот.

Во нашата програма Зелени училишта, ние промовираме грижливо однесување на учениците и на вработените кон животната средина во училиштата и во пошироката заедница, поддржуваме акции за заштита на животната средина во училиштата и во училишната заедница и работиме за да го намалиме негативното влијание на училиштето врз животната средина.

Нашата програма е базирана на стандардот за еколошко управување ИСО 14000, приспособен на возраста на учениците и на потребите на училиштата.

Во постигнувањето на нашата визија, ги поддржуваме училиштата со следниве активности:

  1. ги обучуваме наставниците да формираат Зелени клубови во своите училишта, заеднички да креираат едукативна програма за учениците во клубовите и заедно со своите колеги и ученици  да ја имплементираат програмата;
  1. заедно со наставниците, креиравме прирачник за работа за наставниците и на учениците, со цел да ги водиме учениците во решавањето на еколошките проблеми на училиштето;
  1. ги опремуваме Зелените клубови со потребната опрема за имплементирање на програмата: зелени униформи за учениците, зелени велосипеди за нивните еколошки патроли, апарати за мерење на енергетската ефикасност и фото-апарати;
  1. ги поддржуваме училишните еколошки проекти и кампањи за подигнување на јавната свест со грант од 1500 долари за секое училиште што учествува во програмата;
  1. организираме натпревар во кој учениците од Зелените клубови ќе имаат можност да покажат што научиле за негативнито влијание на своето училиште врз животната средина, и што направиле за да го намалат ова влијание.

 

Зелени клубови

Зелените клубови се главните носители на училишните промени. Формирани се од учениците од 6. и од 7. одделение. Под координација на своите наставници, се сретнуваат еднаш неделно да се договарат како да дејствуваат во однос на четирите еколошки теми релевантни за училишната заедница: енергија, вода, транспорт и отпад. Студентите во Зелените клубови се поделени во четири работни групи (тимови), а секој од тимовите е одговорен да се здобие со експертиза за една од четирите теми.

Целите на работата на Зелениот клуб се следниве:

  1. да се намали потрошувачката на енергијата во училишето,
  2. да се намали потрошувачката на водата во училиштето,  
  3. да се намали отпадот произведен од училиштето, и
  4. да се промовираат еколошкиот транспорт и пешачењето.

За да ги остварат своите цели, учениците од Зелениот клуб применуваат методологија базирана на стандардот за еколошко управување ИСО 14000, кој се состои од чекори за планирање, спроведување, следење и дејствување.  Учениците вршат проценка на потрошената енергија и вода, како се третира отпадот и кои се транспортните навики во нивните училишта. Откако ќе ја спроведат проценката, тие ги анализираат собраните податоци, ги идентификуваат проблемите и креираат проект за нивно надминување. Проектите на учениците вклучуваат активности од типот на мали инфраструктурни зафати, едукативни часови за соучениците, училишни кампањи, јавни настани за промовирање на својата работа и за  добивање поддршка од заедницата, предлози за училишната администрација за тоа како да се намали негативното влијание на училиштата врз животната средина, итн.

Зелените патроли од клубовите, за време на имплементацијата на своите проекти, ќе го набљудуваат процесот на спроведување, како и влијанието врз училишната заедница. Процесот завршува со евалуација на резултатите од проектните активности во училишната заедница, како основа за нов циклус на планирање, спроведување, следење и дејствување.

Зелените клубови работат според Прирачникот и Дневникот за работа на Зелените клубови, кои ги креираа вработените во проектот и наставниците кои учествуваа во пилотот на програмата. Тие содржат разновидни табели, прашалници и примери што ги водат учениците за време на целиот процес на собирање и анализа на податоците, креирање проект, мониторинг и евалуација. Изработени се да се  користи во текот на една учебна година, еднаш неделно и претставуваат детална годишна програма за работа на Зелените клубови.